Ракомет
Во Египет се создава историја, Данска за влез помеѓу најдобрите, Шведска сонува реприза од пред 22 години
Вечерва во финалето на СП во Египет ќе играат Данска и Шведска. Двете селекции покажаа атомски ракомет, па заслужено се најдоа во големото финале. Но, само една ќе го крене пехарот наменет за светскиот првак.
Данска има уникатна можност да стане четвртата нација која ја одбранила титулата првак на светот. Попладнево во 17:30 часот ќе се бори против Шведска за втора титула во низа.
Репрезентации кои во низа освојувале пехар на СП се: Шведска, Романија два пати и Франција два пати.
Од друга страна, пак, се чини дека Шведска е најголемото изненадување. Во Египет допатува „десеткувана“, односно без голем број на ѕвезди и силни првотимци. Но, успеа да се избори за финале, каде за пехарот ќе се бори со соседите.
Последен пат Шведска го кренала пехарот на Мундијалите е токму во Египет пред 22 години, односно во 1999 година. А, последен пат играла финале пред 20 години, односно во Франција во 2001 година, кога загуби токму од домаќинот. Сега, Шведска има можност да го повтори успехот на истото место како пред 22 години.