Тајмаут
Волонтерски и без хонорар, кошаркар тренира деца со посебни потреби
Децата со посебни потреби од Битола кои до вчера немаа можност да застанат на спортските терени и да фатат топка во рака, сега учат да играат кошарка од професионален кошаркар. Познатиот Мико Голубовиќ од Србија е единствениот кој прифатил да го работи ова без надоместок.
„Мене ме прашаа, најверојатно никој друг не сакаше да одговори на овој повик. Јас прифатив со големо задоволство и ова го работам волонтерски, без никакви приходи. Одвојувам време да бидам со овие деца. “, вели Мико Голубовиќ.
Салата беше полна со љубов, децата уживаа во игрите.
„За децата ова не може да се опиши. Ова е нешто неверојатно. Пријатно чувство, радост, среќа и нормално најповеќе се постигнуваат успеси во психофизичкиот развој како и социјализација. Немам зборови со кои би опишала како ова влијае врз децата, а исто така и кај родителите затоа што директно и тие се вклучени во овие физички активности“, изјави дефектологот Јасмина Јановска.
Во оваа иницијатива учествува и Општина Битола кои обезбедиле спортска сала за два пати неделно децата да може да одржуваат часови по спортски активности.
Велат дека им се потребни донации, од спортски реквизити до спортска облека за децата.
„Се обидуваме да најдеме спонзори кои ќе му обезбедат патики, тренерки, топки, за нова година да имаат поклони итн.“, вели Голубовиќ.
„Во моментов ја користиме само спортската сала, ништо друго. Сите спортски реквизити ни се добредојдени“, рече Јановска.
Нема правило за возраста, секое дете може да дојде и двапати неделно да учествува во тренингот. Засега има дваесетина дечиња, но се очекува нивниот број да се зголеми.
Голубовиќ вели дека се случува кога времето е убаво, активностите да се изведат во парк, па да одат и до зоолошка градина.
Од локалната самоуправа, на децата со посебни потреби им беа доделени по два сезонски билети за машката ракометна Суперлига, за да можат да ги гледаат натпреварите во присуство на родител.
Репортер: Јовица Пауноски.
Извор: ТВ21