Connect with us

Ракомет

Втора победа на македонските ракометари на СП

Македонските ракометари ја совладаа селекцијата на Бахреин во рамките на второто коло од Светското првенство кое се одржува во Германија и Данска.

Нашите момци натпреварот го завршија со резултат 28:23 и ја оправдаа улогата на фаворити.

Македонија имаше одличен старт на мечот, поведе со 6-2 но потоа дури 11 минути не реализиравме погодок, а Бахреин со серија од 5-0 дојде до водство од 7-6. Во финишот сепак направивме серија од 5-0 и на полувремето заминавме со предност од 12-8.

Во вториот дел избраниците на Раул Гонзалез ги презедоа работите во своите раце, поведоа со највисоки 23-15 и рутинирано ја довршија задачата. На петнаесетина минути пред крајот, шанса добија и младите Митревски, Крстевски и Серафимов од клупата.

Најефикасни поединци кај нашите беа Кире Лазаров со 8 и Дејан Манасков и Филип Кузмановски со по 4 гола. Капитенот беше прогласен и за „Играч на натпреварот“.

Веќе утре, во рамки на третото коло, Македонија ќе ги одмери силите со репрезентацијата на Хрватска која ја предводи Лино Червар.