Ракомет
За ракометарките најтешкото допрва доаѓа
Македонската женска сениорска ракометна репрезентација обезбеди пласман во баражот за пласман на Светското првенство во 2019 година, кое ќе се игра во Јапонија. Избраничките на селекторот Симе Симовски, до пласман во баражот стигнаа со три победи на турнирот што се играше во Скопје, а славеа над селекциите на Азербејџан, Исланд и Турција (30:23). Во баражот ракометарките ќе играат против селекција која во моментов е учесник на ЕП во Франција, што значи апсолутен фаворит во однос на Македонија. Сепак, тоа не го урива оптимизмот во таборот на македонската репрезентација дека може да се обезбеди настап на планетарниот собир.

-Ако работиме квалитетно, професионално и ако секоја од девојките го прифати тој начин на работа, секогаш може да се исполнат целите. Јас имам некоја цел и се надевам дека ќе ја исполнам. Неблагодарно е да се посакува некој посебно за противник во тој бараж, бидејќи сите селекции се со посебно реноме. Не би издвоил никого, затоа што ние треба да ја гледаме сопствената игра, а потоа да гледаме на ривалот. Малку среќа ни треба во баражот, вели селекторот Симовски.
Најдобриот стрелец на мечот со Турчинките со осум гола, крилото Сара Ристовска, истакна дека успехот е плод на тешките тренинзи во изминатите две седмици, а истовремено посака, Македонија да се најде на големиот ракометен настан в година.
-Почнувајќи од себе и останатите девојки, сигурна сум дека го дадовме максимумот. Подготовките за овој турнир беа пеколни, работевме напорно две недели и бевме фокусирани на тоа. Навистина одигравме како што трениравме, нормално имаше падови во играта, но бевме дисциплинирани и се кревавме и доаѓавме до резултати. Сега за нас следи баражот, каде судбина ни е Шведска. Но, сеедно е кој да дојде, немаме посакуван противник. Имаме доволно време да се спремаме и конечно да се пласираме на едно првенство. Очекувани се победите, затоа што трениравме добро. Во трите меча покажавме поинаква игра од претходно, брза игра со побрз пас, без брзање и страшна одбрана, изјави Ристовска.
Противникот во баражот ракометарките ќе го добијат со ждрепка на последниот ден од Европското првенство во Франција.