Ракомет
Живко Мукаетов по трет пат на чело на РФМ
Живко Мукаетов останува на чело на Ракометната федерација на Македонија. Новиот четиригодишен мандат го доби на Изборното собрание на РФМ, на кое тој беше единствениот кандидат. За гласаа 51 делегат од вкупно 54.
За првиот човек на фармацевтската компанија „Алкалоид“ ова ќе биде трет четиригодишен мандат во низа, откако Мукаетов застана на чело на РФМ во март 2013 година, на местото на Михајло Михајловски.

– Сакам да се заблагодарам за укажаната доверба и се надевам дека ќе продолжиме по истиот пат за уште подобра сегашност и иднина на македонскиот ракомет, изјави Мукаетов по реизборот на претседателското место во РФМ.
Специјални гости на денешното редовно Изборно собрание на РФМ беа капитенот на репрезентацијата Кирил Лазаров и поранешниот репрезентативец Ацо Јоноски.