Connect with us

Тајмаут

Гвардиола му „држи лекции“ на тренерот на Бостон пред финалето во НБА

Бостон Селтикс имаа интересен гостин во пресрет на финалната серија која ќе го одреди новиот шампион во НБА.

Станува збор за еден од најпопуларните фудбалски тренери, поточно Пеп Гвардиола, кој неодамна го направи Манчестер Сити шампион на Англија по рекорден четврти пат по ред. Локалниот новинар Мори Хиршгордон сподели фотографија на Х (поранешен Твитер) на која се гледа како шпанскиот стручњак разговара со Џо Мазула, објаснувајќи му нешто на тренерот на Селтикси. Снимката брзо стана вирална на социјалните мрежи, а следеа голем број шеги за Пеп Гвардиола кој му дава инструкции на својот колега како да ја освои својата прва титула во НБА.

Менаџерот на „граѓаните“ со своето гостување возврати на гестот на Мазула, кој во февруари го посети Манчестер за да следи натпревар на англискиот шампион. Двојката потоа ги замени дресовите, при што Гвардиола доби зелен дрес на Бостон со неговото презиме и број 4, додека Американецот го доби домашниот дрес на Сити со неговото име и број 21.

Во едно интервју претходно оваа година, Мазула призна дека внимателно го проучувал Гвардиола, кого го опиша како најдобар тренер во сите спортови.

-Јас многу учам од Манчестер Сити, а исто така и од Пеп. Мислам дека тој е најдобриот тренер на кое било ниво во кој било спорт. Тој има огромно влијание врз мене, изјави тој тогаш за „Атлетик“.

Во финалната серија за титулата во НБА лигата, Бостон Селтикс ќе ги одмери силите со Далас Маверикс, а вечерва се игра првиот меѓусебен натпревар во главниот град на Масачусетс.

Advertisement