Connect with us

Фудбал

Азар: Не можев повеќе да издржам, среќен сум што повеќе не играм фудбал

Белгискиот офанзивен играч за врска Еден Азар, кој се повлече од фудбалот на 32-годишна возраст, изјави дека неговото тело повеќе не може да се справи со темпото и дека е среќен што се повлече од фудбалот.

„Имам само 32 години, но почнав да играм фудбал навистина рано. Излегов од дома на 14 и направив се што сакав“, изјави тој за новинарите во Париз, каде присуствуваше на церемонијата на доделување на Златната топка.

Азар летово го напушти Реал Мадрид, каде поради честите физички проблеми не ги оправда очекувањата, па пред дваесетина дена најави крај на кариерата.

„Моето тело повеќе не можеше да го издржи тој ритам. Имав некои повреди на крајот, па затоа ја донесов таа одлука. И среќен сум што ја донесов“, објасни тој.

Бронзениот медал со Белгија на Светското првенство во 2018 година дојде во Париз затоа што тоа го посакуваа неговите деца.

„Им реков дека ќе одиме заедно, ќе спиеме и ќе се забавуваме“, рече тој.

Во Париз, неговиот противник на фудбалските терени, 36-годишниот аргентински напаѓач Лионел Меси ја доби наградата за најдобар играч на светот организирана од магазинот „France Football“.

Азар, кој играше и за Челзи и Лил, одговори дека се уште гледа фудбал, но сега има време да ужива со семејството.

„Моите синови играат фудбал, па јас го гледам со нив. Досега не ми недостасува да играм. Но, кој знае, можеби за неколку месеци сепак ќе сакам да играм“, заклучи тој.

Во текот на својата професионална кариера одигра 622 натпревари и постигна 167 голови. Со Реал Мадрид двапати беше европски и шпански првак, а со Челзи два пати ја освои шампионската титула на Англија.