Други спортови
Ботас ќе му помогне на Хамилтон да ја освои петтата титула во Ф1
Валтери Ботас ќе му помогне на Луис Хамилтон да ја освои својата петта шампионска титула до крајот на сезоната, бидејќи Финецот нема за што друго да се бори. Тоа го навести шефот на Мерцедес, Тото Волф.
Јавна тајна е дека Ботас е пилот број два во германскиот тим, иако беше негирано слично нешто во првата половина од сезоната. Сега кога има неколку трки до финалето, водството на Хамилтон е значајно и неговиот тимски колега нема шанси да се бори за ништо друго освен да му помогне на тимот и неговиот партнер.
Ова може да се прочита меѓу редови од изјавата на шефот на „сребрените стрели“.
– Секој тркач понекогаш е можно да се најде во тешка ситуација и да не може да се бори повеќе за титулата – она за што толку мечтае и работи. Тешко е да сфатиш дека повеќе не си во борбата. Валтери покажа брзина, талент и работна етика, кои можат да му донесат победи во Мерцедес. Тој секогаш бил тимски играч и тоа е една од најпрекрасните негови карактеристики. Тој можеше да освои трки оваа година, но среќата беше против него. Секако, среќата никогаш не оди само во една насока; убеден сум дека тој поседува се што е потребно за да победи. Само треба да продолжи да работи напорно и ќе ги сврти нештата во своја полза, изјави Волф.