Connect with us

Кошарка

Далас под истрага за одмор на играчи против Булс

Далас Маверикс се соочува со истрага во НБА за играње без клучни играчи против Чикаго Булс, иако тие се уште беа во позиција да се борат за место во плејофот.

Булси во петокот победија со 115:112, а Далас меѓу другите играше без Кајри Ирвинг, додека Лука Дончиќ на теренот мина само 12 минути.

Поразот стави крај на надежите на Маверикс за пласман во плејофот, но и ги зголеми шансите Далас да добие еден од првите десет пикови на претстојниот драфт.

Тоа доведе до обвинувања дека Далас направил намерни пресметки за да ги зголеми своите шанси да пристигне еден од најдобрите играчи на драфтот и до истрага од лигата.

Маверикс соопштија дека Кајри Ирвинг, Тим Хардавеј и Макси Клебер се опоравуваат од повредите, а одлуката била да се одморат Џош Грин и Кристијан Вуд. Сите пет, меѓу кои и Лука Дончиќ, играа на натпреварот кој му претходеше на дуелот со Булс (победа против Сакраменто во средата). Тренерот Џејсон Кид изјави дека одлуката за одмор на некои играчи ја донеле сопственикот Марк Кубан и генералниот директор Нико Харисон.

„НБА започна истрага за сите факти и околности околу одлуките на списокот на Далас Маверикс и настаните околу натпреварот со Чикаго Булс, вклучително и истрага за мотивите кои можеби стојат зад тие одлуки“, потврди портпаролот на НБА, Мајк Бус во саботата навечер.

Далас сигурно ќе биде меѓу тимовите кои ќе се обидат да го допрат Виктор Вембањама, а нивните шанси ги зголемува фактот што нема да бидат во плеј-офот.