Connect with us

Фудбал

Дојде да го суди дербито, па пијан направи хаос на аеродромот

Од 19:00 часот АЕК и Арис играат дерби натпревар во плеј-офот за шампионот на Грција.

Полскиот судија Павел Рачковски, кој беше делегиран да го води овој натпревар како главен арбитар, во алкохолизирана состојба предизвикал инциденти на аеродромот, објави грчкиот сајт Спорт24.

Рачковски беше во друштво на помошниците Радослав Сијека, Адам Купшик и судија назначен за ВАР Кристоф Јакубиќ.

Од АЕК неофицијално за грчките медиуми потврдија дека полскиот судија правел инциденти на аеродромот, но дека судиите за тоа не го известиле Фудбалскиот сојуз на Грција.

Рачковски е еден од арбитрите ангажирани од Грчката фудбалска федерација за дерби натпревари, тој неодамна го водеше натпреварот меѓу Олимпијакос и Панатинаикос.

Во овој момент не се знае дали Рачковски ќе даде сигнал за почеток на натпреварот во 19 часот или инцидентот што го предизвика ќе доведе и до одложување на натпреварот.

Плејофот за шампионот во Грција донесе големи возбудувања сезонава, а по 29. одиграно коло АЕК е на првото место со 66 бодови, исто толку колку и Панатинаикос, во трка и понатаму е Олимпијакос со 63 бода, додека ПАОК е четврти со 57 бода.