Други спортови
Европската недела на спортот одбележана во Тетово
Одбојкарскиот тренер Слободан Зафоровски како и фудбалерите на прволигашот Шкендија, репрезентативците Висар Муслиу и Бесарт Ибраими како и голманот Костадин Захов денеска ги посетија децата од градинката на спортскиот центар во Тетово како дел од активностите за Европската недела на спортот. Настанот заеднички го организираа секторот за јавни дејности при општина Тетово и Агенцијата за млади и спорт.
– На овој начин сакаме на децата да им покажеме дека спортот е дел од животот и оти тоа се практикува од најмали нозе. Само со активен живот од најмала до најголема возраст може да имаме активен и здрав град, рече раководителот на Секторот за јавни дејности Ахмет Ќазими.
Директорката на општинската јавна установа градинки Младост од Тетово Рамије Даути посочи дека нивната установа секогаш ги прифаќала активностите што им овозможуваат на децата да се запознаат со нешто ново во овој случај со познати спортисти од градот.
Претставникот од Агенцијата за млади и спорт Петар Мисоски рече дека во рамките на Европската недела на спортот се вклучени 16 општини во кои ќе се организраат околу 20 различни настани и на централно и на локално ниво.
– Тетово е еден од градовите во Македонија што сериозно инвестира и ги поддржува спортските клубови. Денеска околу 60 деца ќе имаат можност да запознаат со фудбалот и одбојката, но и воопшто со поимот што е портот и кои се придобивките од спортскиот, здрав начин на живеење, изјави Мисоски.