Connect with us

Фудбал

Големата чистка во Ливерпул, еве кој е отпишан

Ливерпул ја игра најлошата сезона во ерата на Јирген Клоп, а германскиот тренер подготвува големи промени во тимот за следната сезона. „Британски експрес“ најавува дека 13 играчи би можеле да го напуштат „Енфилд“ во следниот преоден рок.

Роберто Фирмињо, Адријан, Наби Кеита и Алекс Окслејд-Чембрлен имаат договори до крајот на сезоната и нема да ги продолжат. Ливерпул планира парите што ќе ги заштеди на платата да ги инвестира во нови играчи.

Заминува и Артур Мело, бразилскиот играч за врска кој во Ливерпул пристигна како позајмен од Јувентус. Ливерпул има опција да го откупи неговиот договор, но Мело успеа да запише само 13 минути и Ливерпул едвај чека да се ослободи од него.

Каоимен Келехер, Сеп ван ден Берг, Рис Вилијамс, Нат Филипс се на втор план и на продажба, а блиску до заминување е и стоперот Џоел Матип, кој е во клубот од 2016 година. Преостанатите тројца од кои Клоп би можел да се откаже за да заработи за засилувања се искусниот играч за врска Џејмс Милнер, стоперот Џо Гомез и бекот Костас Цимикас.

На Ливерпул му треба чудо до крајот на сезоната за да го грабне четвртото место и пласман во Лигата на шампионите. На девет натпревари до крајот, тие заостануваат дури 12 бода зад третопласираниот Њукасл и четвртопласираниот Манчестер Јунајтед.