Ракомет
Хрватска со победа над Германија се прости од ЕП
Хрватска го победи домаќинот Германија со 30:24 во последниот натпревар на овогодинешното Европско првенство. Средбата ја одбележа чудесниот хрватски голман Доминик Кузмановиќ, кој имаше 22 одбрани од 46 удари (48%). Треба да се каже дека натпреварот не беше премногу важен за ниту една репрезентација бидејќи Германија веќе имаше обезбедено полуфинале, додека Хрватска не можеше да се помрдне од последното место, но избраниците на Горан Перковац барем успеаја да го завршат настапот на ЕП со победа.
Во првото полувреме се играше доста изедначено. Во 25. минута Хрватска успеа да се одлепи на три разлика, но до крајот на полувремето Германија направи серија од 4:0 и на пауза замина со минимално водство (14:13).
Во сличен тон продолжи и на почетокот на вториот дел, но потоа Кузмановиќ, кој дотогаш беше одличен, со нереални одбрани и овозможи на Хрватска да создаде поопиплива предност.
Од 45. до 50. минута Хрватска направи серија од 6:0 и побегна со недостижни 25:19. До крајот хрватските ракометари без проблем ја задржаа таа предност. Заедно со Кузмановиќ прво име за Хрватска беше Игор Карачиќ со шест гола. По четири постигнаа Домагој Дувњак и Лука Ловре Кларица. Јоханес Гола и Себастијан Хејман ги предводеа Германците со по четири гола.