Connect with us

Фудбал

Интер во финалето на Лигата на шампионите, го чека Реал или Манчестер Сити

Фудбалерите на Интер се првите финалисти во Лигата на шампионите. „Нероаѕурите“ во реваншот од полуфиналето беа подобри од градскиот ривал Милан и со две победи сосема заслужено се пласираа во финалето кое се игра следниот месец.

Реваншот на стадионот „Џузепе Меаца“ заврши со резултат 1:0. Единствен гол го постигна Лаутаро Мартинез во 73. минута.

Тоа е прво финале за Интер од 2010 година, кога „нероаѕурите“ под водство на Жозе Мурињо ја освоија Лигата на шампионите победувајќи го Баерн.

Првото полувреме подобро го одигра „домашниот“ Интер, а најголеми виновници за тоа што не се тресеа мрежите беа голманите на двата тима, Андре Онана одлично реагираше во ситуацијата кога шутираше Брахим Дијаз, додека Мајк Мањан успеа да го спречи обидот на Един Џеко.

Во тој период од играта за добра шанса се избори закрепнатиот голгетер на „Росонерите“ Рафаел Леао, но по неговиот продор, ударот заврши покрај десната статива. Во првите 45 минути во неколку ситуации непрецизни беа и играчите на Интер, Барела и Лаутаро Мартинез…

Статистички гледано, двете екипи имаа само по еден удар кон голот во првите 45 минути.

Во вториот дел имаше уште помали возбудувања. Фудбалерите на Интер целосно ја умртвија играта, додека Росонерите не успеаја сериозно да му се заканат на голманот Онана.

Интер поведе практично од единствената шанса, која играчите на двата тима ја создадоа во преостанатиот дел од мечот: Лукаку му ја додаде топката на Лаутаро Мартинез, кој го совлада Мањано за голема радост на навивачите на Интер.

Интер во финалето ќе игра против подобриот од двете средби меѓу Реал и Манчестер Сити. На првиот дуел во Мадрид беше изедначено 1:1. Реваншот го играат во среда од 21 часот.