Connect with us

Фудбал

Италијанските медиуми: На Ребиќ не му е местото во Милан

Анте Ребиќ (29) е се поблиску до заминување од Милан. И не по избор. Поранешниот хрватски репрезентативец веќе некое време е во немилост на тренерот Стефан Пиоли, а спортскиот директор Паоло Малдини го нема во плановите ниту за следната сезона. Оваа сезона тој постигна само три гола и асистираше за два во 31 настап. Тоа не е доволно за да се остане на Сан Сиро.

Италијанските медиуми објавија за настапот на Ребиќ, наведувајќи дека тој веќе ја одиграл својата улога за Милан. „Анте Ребиќ повторно разочара. Овој пат во пораз од Специја од 2:0. Збогум во јуни“, пишува „Milan News“, портал специјализиран за следење на италијанскиот великан, а друг таков, „Семпер Милан“, додава дека Ребиќ изгледа изгубено и како играч на кој не му е местото во тимот на Милан.

„Calciomercato“ во неколку наврати најавуваше дека Ребиќ ќе го напушти клубот на лето. Хрватското крило во Милан заработува 3,5 милиони евра годишно, па неговото заминување би го олеснило и буџетот за плата. Милан е подготвен да го продаде за 15 милиони евра, а како главен кандидат за негово доведување се споменува Волфсбург, клубот чиј тренер е Нико Ковач.