Фудбал
Јувентус поради расизам затвори дел од трибината
Поради расистичките навреди упатени кон фудбалерот на Интер Ромелу Лукаку на натпреварот во Купот на Италија, Јувентус беше казнет со затворање на дел од трибините на првиот следен натпревар на домашен терен.
Така, за првенствениот натпревар против Наполи, кој е закажан за 23 април, ќе биде затворен долниот дел од јужната трибина на стадионот во Торино.
Тој меч заврши 1:1, а навредите следеа во судиското надополнување кога Лукаку реализираше пенал и го постави конечниот резултат. Во таа прилика Лукаку доби втор жолт картон поради непримерно славје по голот, па беше суспендиран на еден натпревар.
Колумбиецот Хуан Куадрадо, играч на Јувентус, доби три натпревари суспензија поради физички напад на Самир Хандановиќ, голманот на Интер, кој доби суспензија од еден натпревар поради неговата улога во инцидентот. Овие двајца фудбалери исто како и Лукаку добија црвени картони во бурната завршница на овој натпревар.