Фудбал
Јувентус се спаси со гол во 97. минута, Рома го победи Баер
Севиља и Јувентус одиграа 1:1 во Торино во првиот полуфинален натпревар од Лигата на Европа. Шпанскиот тим, чиј тренер е Хозе Луис Мендилибар, одигра фантастично прво полувреме во кое за малку ќе постигнеа гол Лукас Окампос и хрватскиот фудбалер Иван Ракитиќ.
На другата страна се закани Душан Влаховиќ, но Севиља на одмор замина со предност благодарение на стрелецот Јусеф Ен-Несири, кој погоди во 26. минута по асистенција на расположениот Окампос. Тој ја проби десната страна, одигра топка по земја во средината, која напаѓачот на Севиља ја смести во голот.
Второто полувреме не беше толку возбудливо и Севиља го држеше водството до самиот крај. Но, Федерико Гати погоди со глава во 97. минута откако топката неколку пати беше додадена од едната на другата страна на шеснаесетникот.
Рома на домашен терен го победи Баер Леверкузен со резултат 1:0. Стрелец на римскиот тим на тренерот Жозе Мурињо беше Едоардо Бове во 63. минута. Тој најпрвин додаде до Тами Абрахам, но ударот на напаѓачот на Рома го спречи голманот Лукас Храдецки.
Финскиот голман немаше време да реагира на одбиената топка која повторно заврши во нозете на Бове и лесно ја смести во голот на германскиот клуб.