Фудбал
Капитенот на Сити го негираше враќањето дома: Ми се јавија, но тоа не ми е во плановите
Манчестер Сити го комплетираше освојувањето на тројната круна. Капитенот на англискиот и европски првак, Германецот Илкај Гундоган (32) го крена пехарот во Лигата на шампионите, а во исто време можеби го одигра и последниот натпревар за клубот во кој мина многу успешни седум сезони.
Договорот на Гундоган истекува на крајот на месецот и тој може да го избере својот клуб без обештетување. Манчестер Сити би сакал да го задржи и според тврдењата на познатиот италијански трансфер инсајдер Фабрицио Романо, клубот му понудил нов едногодишен договор.
„Бундеслигата не е во моите планови“
Сепак, голем број клубови се заинтересирани за Гундоган и се подготвени да му понудат подолги, а со тоа и финансиски побогати договори. Поранешните ученици на Пеп Гвардиола, Чави и Микел Артета го посакуваат во своите тимови. За очекување е Гундоган во наредните денови да добие понуди од Арсенал и Барселона, но во своите редови го посакува и Борусија Дортмунд, клубот од кој пристигна во Англија.
Сепак, Гундоган изгледа не размислува за враќање дома.
„Се уште не сум донел одлука за иднината, се уште размислувам. Имаше контакти со Борусија Дортмунд, но не сериозни, враќањето во Бундеслигата не е дел од моите планови“, изјави тој на прес-конференцијата.