Други спортови
Кичево доби женски одбојкарски клуб
Иницијативниот одбор, на чело со познатиот спортски работник и одбојкарски тренер, универзитетскиот професор Бејтула Емини, објави дека од ова година и Кичево ќе има одбојкарски женски клуб, именуван „Ускана“.
Клубот добил право да се натпреварува во македонската елитна женска одбојкарска лига.
Емини наведе дека во моментов клубот се финансира од донатори од дијаспората, иако е ветена помош и од градоначалникот на Општина Кичево Фатнир Дехари.
– Ние веќе две години работиме на ова поле односно клубот формално тренира со поголема група ентузијасти од понежниот пол кои го сакат овој спорт.Се надеваме дека ќе имаме успешен почеток и со овој потег ќе придонесеме за развојот на одбојката како спорт но и за еманципација на жената во нашето општество, посочи Емини.
Тренерот Емини ќе добие помош и од неговиот долгогодишен асистент Бешким Мехмеди.
Емини и Мехмеди заедно работеа во одбојкарскиот клуб „Шутова” и при тоа успеаа заедно со клубот да ја освојат и двојната круна во македонското елитно машко одбојкарско натпреварување, што се одржа пред две години.
Многумина се надеваат дека двајцата спортски работници ќе имаат успех и со новиот женски одбојкарски клуб „Ускана”.