Connect with us

Фудбал

Клоп нема планови за големи трансфери

Европскиот клубски шампион Ливерпул не планира големи трансфери во текот на летото пред почетокот на сезоната во Премиер лигата.

Менаџерот Јирген Клоп веќе го привлече 17-годишниот холандски дефанзивец Сеп ван ден Берг од Цволе, а со клубот се разделија Дени Ингс, Даниел Стариџ и Алберто Морено.

Крилото Алекс-Окслеид Чембрлен, кој ја пропушти речиси цела последна сезона заради повреда на коленото, веќе е подготвен за игра, а 19-годишниот напаѓач Рајан Брустер, кој е младински репрезентативец на Англија, исто така, навестува за место во првиот состав.

Брустер се уште го очекува официјално деби со тимот од Мерсисајд, но покажа доста квалитети во контролната средба против Транмеир.

– Тие се како нови засилувања за нас. Брустер, Окслеид-Чембрлен не играле минатата година, така што можеме да ги сметаме за нови играчи. Рајан Брустер е топ напаѓач … Многу се радувам што е кај нас. Верувам дека тој ќе игра важна улога во оваа година. Колку важна? Зависи и од него. Тој може да игра на различни позиции во нападот, вели тој.

Пазарот за привлекување играчи во Премиер лигата е отворен до 8-ми август

– Ќе видиме што ќе се случи, но јас не мислам дека ова ќе биде најголемиот трансфер прозорец на сите времиња, додаде Клоп.

Ливерпул има амбиција да се бори за титулата во Англија, откако минатата сезона остана на само бод зад шампионот Манчестер Сити.