Фудбал
Модриќ го напушта Реал? Откриено е со кои два клуба преговара неговиот агент
Лука Модриќ наскоро би можел да го напушти Реал Мадрид и кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија, открива Руди Галети, италијански новинар специјализиран за трансфери и особено за пазарот во Саудиска Арабија. Тој на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер) објави дека агентот на хрватскиот капитен е во преговори за евентуален трансфер на неговиот клиент во Ал Ахли и Ал Итихад.
Модриќ е во последната година од договорот со Реал, во кој се здоби со статус на икона од неговото доаѓање во 2012 година со повеќе од 500 настапи. Со мадридскиот гигант освои 23 трофеи. Сепак, оваа сезона Модриќ повеќе не е стандарден член на стартниот тим на Реал, кој е сред генерациска смена. За негово евентуално заминување се зборуваше и пред оваа сезона, потоа се наведуваше дека би можел да замине во јануари, а се уште се актуелни приказните за промена на дресот.
Модриќ летово ја одбил понудата на Ал Ахли, освојувачот на втората саудиска лига, иако тој клуб му понудил дури 200 милиони евра за три сезони. Клубот не се откажа од неговото доведување, а конкуренција му е Ал Итихад, актуелниот шампион на саудиската елитна Про лига.
Ал Ахли го засили составот со доведување на тренерот Матијас Џејсле од Салцбург, додека негови нови ѕвезди се Роберто Фирмино, Ријад Махрез, Франк Кесие, Алан Сент Максимин, Мерих Демирал, Едуард Менди и Габри Веига. Ал Итихад е шампионот во кој најсилното име е Карим Бензема. Покрај него беа донесени Н’Голо Канте и Фабињо.
Да потсетиме, агентот на Модриќ неодамна изјави дека хрватскиот играч за врска е фокусиран на Реал и додаде дека „идејата за негов трансфер во саудиската про лига е можна доколку понудата одговара“.