Connect with us

Фудбал

Навивачите на Ајнтрахт не можат да одат во Неапол, реагираше и Чеферин

Ајнтрахт во среда во Неапол ќе се обиде да ја надополни негативата од два гола во дуелот со Наполи во осминафиналето на Лигата на шампионите без неколку важни играчи, но и без поддршка од секогаш жестоките навивачи.

Локалните власти на Неапол пред два дена издадоа забрана за пристигнување на навивачите на Ајнтрахт во Неапол и на стадионот „Диего Марадона“. Забраната се однесува на сите оние кои имаат регистрирано живеалиште во Франкфурт.

Оваа ситуација трае веќе неколку дена во која Ајнтрахт се обидува да ја оспори одлуката на Неапол и да се избори за своите навивачи.

Адвокатите на германскиот клуб успеаја на суд да ја оспорат првата одлука на префектот на Неапол, Клаудио Палоба, со која се забранува продажба на билети на гостинските навивачи.

Сепак, пристигна новата одлука на Паломба – влез на натпреварот ќе биде забранет само на навивачите кои имаат пријавено место на живеење во Франкфурт. А ако се земе предвид дека вистинската база на навивачите на Ајнтрахт е од самиот Франкфурт, практично сите 2.700 навивачи кои би дошле всушност не би можеле да купат билети.

Во оваа прилика говореше и првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.

„Едноставно е – ќе мора да ги промениме правилата. Не е добро ако италијанските власти решат германските навивачи да не можат да дојдат на натпреварот. Ова не може да се толерира. Итно треба да преземеме нешто бидејќи оваа одлука е целосно погрешна. Мора да можеме да кажеме во вакви ситуации – ако се случи вакво нешто, тогаш нема ни да играте таму“, рече Чеферин.

Наполи победи со 2:0 во Франкфурт, а реваншот е в среда од 21 часот.