Connect with us

Фудбал

Погба: Ќе се жалам до Судот за спортска арбитража

Пол Погба, играчот од средниот ред на Јувентус и светски шампион со Франција во 2018 година, доби четиригодишна суспензија поради користење недозволени средства. Вака одлучи италијанското обвинителство за борба против допингот. Погба се огласи на социјалните мрежи откако дозна за казната.

„Денеска сум информиран за одлуката и чувствувам дека пресудата е неточна. Тажен сум, шокиран и уништен што ми е одземено се што изградив во мојата професионална играчка кариера. Откако ќе се ослободам од законските ограничувања , целата приказна ќе стане јасна, но никогаш свесно или намерно не земав никакви суплементи кои ги прекршуваат антидопинг прописите“, напиша тој и додаде:

„Како професионален спортист никогаш не би направил ништо за да ги подобрам своите перформанси со користење на забранети супстанции и никогаш не сум ги омаловажувал или измамил моите колеги спортисти и навивачи на кој било тим за кој сум играл или против. Ќе се жалам на одлуката до Арбитражниот суд за Спорт.”

Погба беше суспендиран бидејќи тестот на кој беше подложен по натпреварот меѓу Удинезе и Јувентус на 20 август 2023 година покажа дека има вишок тестостерон. Погба не играше на тој меч, туку седна на клупата. Во постапката не ѝ се веруваше на неговата одбрана, која тврдеше дека нејзиниот клиент случајно земал недозволена супстанција. Италијанските медиуми додаваат дека со оглед на тоа што Погба за две недели полни 31 година, толку долга суспензија значи крај на неговата кариера.