Други спортови
Роси: Популарноста на шампионатот во Мото ГП сега е иста како и пред мене
Деветкратниот светски шампион Валентино Роси изјави дека шампионатот во Мото ГП сега се враќа во нормала, откако „му се случи нешто посебно“.
На крајот на 2021 година, „Докторот“ ја заврши својата кариера како мотоциклист по 26 сезони во Светскиот шампионат и оттогаш има евидентен пад на интересот за спортот што го популаризираше.
„Ми се случи нешто посебно, бидејќи одеднаш луѓето кои не го следеа мотоциклизмот станаа фанови, како во Италија, така и низ светот. Да речеме дека сега нивото на популарност се врати во нормала, како што беше пред мене. Тие бараат некои формули, како што се спринтерски трки, за да привлечат повеќе луѓе, но во однос на спортот, верувам дека сè функционира. Возбудливо е да се следат трките, и од трибините и од малите екрани“, изјави Италијанецот.
Од друга страна, популарноста на Формула 1 расте во последните години, без оглед на случувањата на патеката, а Роси смета дека по истиот пат може да тргне и шампионатот во Мото ГП.
„Формула 1 следеше прилично американски пат, нешто слично на НБА лигата, таа е многу фокусирана на шоуто. Во последниве години популарноста што ја достигна е застрашувачка, тој е производ од врвно ниво што секој сака да го консумира. Верувам дека Мото ГП шампионатот може да го стори истото. Како? Не знам повеќе, но потенцијалот е таму“, потенцира Роси.
Во текот на 26 сезони во Светското првенство, Роси освои девет светски шампионски титули, забележа 115 победи и вкупно 235 подиуми, со 65 пол-позиции. Уште пред да ја заврши кариерата како мотоциклист и да се префрли на четири тркала, „Докторот“ основаше своја академија, а во првата сезона по неговото пензионирање титулата ја освои неговиот ученик Франческо Бањаја.
Овогодинешниот шампионат во Мото ГП продолжува со трката за Големата награда на Франција во Ле Ман на 14 мај.