Фудбал
Тен Хаг: Ериксен закрепна побрзо отколку што очекувавме
Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг, откри дека данскиот играч за врска Кристијан Ериксен се вратил на тренинзите и ќе биде во тимот за следниот натпревар против Евертон, и покрај тоа што во текот на зимата се веруваше дека „црвените ѓаволи“ би можеле да останат без него до почетокот на мај.
Ериксен доживеа повреда на скочниот зглоб на крајот на јануари во мечот од четвртото коло во ФА Купот против второлигашот Ридинг кога беше фаулиран од Енди Керол. Данецот потоа си замина од „Олд Трафорд“ со патерици и според првите прогнози требаше да се опорави дури на самиот крај на сезоната.
„Бев толку лут поради стартот на Керол – тој беше многу остар и повредата беше сериозна. Мислев дека сезоната на Ериксен е завршена. Се опорави побрзо отколку што очекувавме, многу сме среќни поради тоа“, изјави Тен Хаг.
Данскиот репрезентативец се враќа во клучен момент за клубот од Олд Трафорд, бидејќи поранешниот тренер на Ајакс поради повреди на следниот меч не може да смета на Лук Шо, Алехандро Гарнак, Дони ван де Бик и на Касемиро (суспензија).
„Шо не може да игра против Евертон. Во текот на следната недела ќе дознаеме како ќе напредува неговото закрепнување“, заклучи Холанѓанецот.
„Црвените ѓаволи“ ја заземаат четвртата позиција на табелата во Премиер лигата со 53 бода од 28 натпревари. Лидерот Арсенал одигра натпревар повеќе и има 72 бода.