Фудбал
Тренерите бараат да се укине правилото „гол на гости“
Тренерите на најголемите европски клубови на состанокот во Нион побараа од УЕФА укинување на правилото „гол на гости“, односно предноста која ја добива екипата поради постигнатите голови на гостински терен.
Тие побараа ова правило да се укине и во Лигата на шампионите и во Лига Европа.
– Тренерите сметаат дека постигнувањето голови на гости веќе не е тешко како во минатото. Тие сметаат дека тоа треба да се земе предвид и да се сменат нешата, истакна по состанокот генералниот секретар на УЕФА, Џорџо Маркети.
Правилото „гол на гости“ беше воведено во 1965 година во поранешниот Куп на победниците на куповите, а претставуваше алтернатива на фрлање паричка или играње повторен натпревар на неутрален терен. Поради неспоредливо подобрите материјални услови во однос на транспортoт и терените, според тренерите од денешен аспект ова е контрапродуктивно правило.
Воедно тренерите побараа и преодниот рок во сите земји да завршува во исто време.
– Тие сметаат дека преодниот рок во сите земји треба да биде ист и да заврши пред натпреварувањата да почнат, наведе Маркети.
На состанокот во УЕФА присуствуваа Жозе Мурињо (Манчестер јунајтед), Масимилијано Алегри (Јувентус), Карло Анчелоти (Наполи), Хулен Лопетеги (Реал Мадрид), Томас Тухел (ПСЖ), поранешниот долгогодишен тренер на Арсенал, Арсен Венгер и многу други.