Фудбал
Тренерот на Нант исфрли играч поради пост: „Кога ќе заврши Рамазан…“
Нант пред два дена загуби со 3:0 од Ремс на домашен терен, а еден потег на тренерот на домашната екипа, Антоан Комбуаре, предизвика голема врева кај француската фудбалска јавност. Имено, Комбуаре за тој натпревар го исфрли од тимот играчот на Нант и репрезентативец на Алжир Жауен Хаџам, а причината беше постот за Рамазан. Комбуаре го замолил Хаџам да го прекине постот за натпреварот, а кога тој одбил, тренерот го пречкртал за натпреварот против Ремс.
„Тренерот на Нант, Антоан Комбуаре одлучи денеска да го исфрли Жауен Хаџам од тимот. Причината беше што играчот одби да го прекине постот иако има натпревар денес. Ова беше директно барање од тренерот“, објавија тогаш француските медиуми. . По мечот Комбуаре повторно беше прашан за се, но тој нема намера поради никого да го менува ставот.
„Немам проблем со Хаџам. Кога ќе заврши Рамазан, тој ќе се врати во тимот. Нема контроверзии, тоа не е казна. Јас сум тренер, а во животот има правила. Оние кои не ги почитуваат, нема да игра“, рече Комбуаре.
Антоан Комбуаре е тренер кој има свој став кога е функцијата во прашање, а тоа е познато од 2009 година кога беше тренер на ПСЖ.
„Имам многу едноставно правило кога станува збор за постот. Рамазан во текот на неделата, нема проблем, но кога е ден на натпреварот им забранувам на играчите да постат. Тие што постат, нека си останат дома. Нема да си играм со нивното здравје. Кога не јадете цел ден, има проблем“, рече еднаш Комбуаре.