Connect with us

Фудбал

ВИДЕО: Хаос во Ротердам, „дупната“ глава – Ајакс во финалето на купот

Големото дерби на холандскиот фудбал, помеѓу Феенорд и Ајакс во полуфиналето на холандскиот куп, по голема драма и прекин му припадна на друштвото од Амстердам со 2:1.

Познато е дека секогаш може да се очекува многу оган во пресметката меѓу Феенорд и Ајакс, како на теренот, така и надвор од него. И знаејќи го тоа, полуфиналната пресметка од купот целосно ги оправда тие очекувања. Имаше „оган“ и на самиот терен, а секако и надвор од него.

Феенорд неодамна славеше во Амстердам и речиси ја реши шампионската трка. Затоа копјаниците дојдоа во Ротердам со желба да се одмаздат и да го исфрлат својот голем ривал од борбата за вториот трофеј. Тензиите се чувствуваа на секој чекор.

Во 14. минута голема грешка на одбраната на домаќините, а капитенот на Ајакс Душан Тадиќ одлично се снајде. Со полуволеј и со многу прецизен удар го совлада Веленројтер со 1:0.

Таа предност Ајакс ја држеше до полувремето. Сепак, во втората минута од судиското надополнување, Хименез израмни и со резултат 1:1 се замина на пауза. Ново водство дојде Ајакс во 51. минута. Стрелец беше Дави Класен, кој покрај големото задоволство што постигна многу важен гол на натпреварот против својот најлут ривал, доби и запалка во глава. Тој во таа прилика заработи удар, а бидејќи работите навистина станаа тензични на теренот и дојде до тепачка, играта беше прекината.

Паузата траеше околу 20 минути. Во продолжение немаше многу фудбал, но голема шанса целосно да слави пропушти Хименез, кој во 86. минута ја погоди стативата и остана 2:1 за Ајакс. До крајот сепак падна и црвениот картон. Го заработи играчот на Ајакс Тејлор во шестата минута од судиското надополнување.

Така, во финалето на холандскиот куп ќе играат Ајакс и ПСВ.